Двојно убиство

Палевски под силни безбедносни мерки, истрагата е во завршна фаза

16.05.2024 15:21

Љупчо Палевски, првоосомничениот за двојното убиство на младата Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски, под силни безбедносни мерки, од доцна синоќа се наоѓа во затворот во Шуто Оризари. Тој по повеќе од пет месеци од Турција е екстрадиран во нашата земја и од вчера почна да тече мерката 30-дневен притвор…

Сам во ќелија и без контакт со други притвореници, Љупчо Палевски – Палчо го издржува 30 дневниот притвор за двојното убиство, на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски, што му беше определен во отсуство. Од затворот во Шутка, за МТВ потврдуваат дека за него важат протоколите за обезбедување на лица осомничени за најтешки дела – и дека освен што сам ќе руча и ќе користи бања, нема да има ниту друштво за време на прошетките во затворскиот двор.

Поради опасност од евентуално труење, за неговото мени се задолжени двајца затворски готвачи, а храна однадвор може да му донесе само најтесното семејство – и тоа спакувано со ресторанска декларација, во строго утврдени денови и количини.

Постапката налага Палевски да биде сослушан пред обвинител и судија на претходна постапка. Од Обвинителството велат-доказите сè уште се анализираат.

За петмина осомничени, од кои тројца соизвршители во тешките кривични дела – две грабнувања и две убиства на свиреп начин, еден осомничен за помагање при грабнувањето на малолетно лице и еден осомничен за помагање по извршеното кривично дело, истрагата е во завршна фаза – стои во соопштението од Обвинителството.

По пет месеци, Палевски беше екстрадиран од Турција.

Анита Димитријевска – Велковска