Средба на четири генерации во Штип

25.06.2014 12:10

Семејството Шалеви во Штип е со традиција од 700 години. Претставници на четири генерации се собраа на едно место. Некои од нив се видоа за првпат. Средбата ќе буде традиционална, а се подготвува и изработка на семејно стебло...

Околу 80 членови од четири генерации на 700 години старото штипско семејство Шалеви, за првпат се собраа заедно на едно место.

„Ние потекнуваме од нашиот дедо Пано и баба Веца кои имале четири сина и две ќерки“, изјава Кирил Шалев.

„Овде се сите внуци, правнуци“, дополни Александар Захариев.

„Излегува дека сме многу блиски роднини, а не се познаваме меѓусебе“, вели  Јорданка Димовска.

Шалеви денес живеат во повеќе градови и држави. Но, за да дојдат на средбата ниту годините ниту границите, не беа пречка.

„Живем во Софија. Синоќа имав концерт и утринава, не се ни одморив, веднаш тргнав за да дојдам на средбата“,  изјава Цветанка Тасева.

За оние повозрасните, средбата беше повод да се потсетат на младоста и некогаш убаво поминатите моменти.

„Кога бевме помлади, кога мојот сопруг беше жив доаѓавме на колење прасе, на берење цреши, правевме серенади“, изјави Љубинка Басотова.

За помладите, несекојдневна можност да се запознаат со роднините кои им се блиски по род, но далечни по контакт.

„Многу сум среќна, задоволна што имам големо и прекрасно семејство“, изјави Андреа Басотова.

„Оваа традиција ние помладите треба да ја продолжиме“, потенцира Горан Данев.

Семејството Шалеви, на Штип и Македонија им дале тројца доктори на науки и универзитетски професори, неколку обвинители, носители на важни општествени и политики функции, но сите тие на семејната средба беа само роднини собрани на едно место и со единствена цел – да ја сплотат фамилијата и да ја продолжат старата семејна лоза. За догодина се планира и изработка на семејно стебло.

 

Оливера Жежова