Киев возвраќа на руските напади
Погодена воздухопловна база близу Севастопол. Жртви и повредени во Белгород. На фронтот во Харков борбите продолжуваат. Пробивот на русите е локален, тврди врховниот командант на сојузниците во Европа. Путин ја продолжи посетата на Кина во Харбин. Вашингтон и Пекинг со обвинување за двојни стандарди...

Украина одговори на руските напади со беспилотни летала врз Белгород, Крим и Краснодар. Погодена воздухопловна база близу Севастопол. Во нападот во Белгород има жртви, меѓу нив и дете, обвинува Москва тврдејќи дека уништила над 100 дрона. Во Харков погоден командниот центар на Украина. Одбраната на Киев пресретнала 20 руски камикази.
„Руските гранатирања и закани продолжуваат. Шефот на управата на Вовчанск беше ранет. Нашите контранапади се во тек“, Володимир Зеленски, претседател на Украина.
И покрај тврдењата на Москва за пробивот на руската војска во Харков, претставник на НАТО тврди дека Русија нема капацитет да го освои регионот.
„Русите ги немаат потребните бројки и вештини за да направат стратешки пробив, локален напредок-да, но тие имаа и локални загуби“, генерал Кристофер Каволи, врховен командант на сојузниците во Европа.
Во ек на интензивирани борби и зголемени тензии со западот, рускиот претседател ја продолжи официјалната посета на Кина во Харбин, фокусирајќи се на економската и културна размена на двете земји. Уште еднаш потврдено длабокото партнерство без граници.
„Претседателите во Пекинг постигнаа важен консензус кој ќе го спроведеме на сериозен начин, промовирајќи го континуираниот развој на сеопфатното стратешко партнерство Кина-Русија во новата ера“, Хан Женг, потпретседател на Кина.
„Пред само неколку години бројката од 1 милијарда долари трговски промет се сметаше за голем успех за билатералната трговија, но сега веќе ја надмина границата од 200 или попрецизно, 240 милијарди според кинеската статистика“, изјави рускиот претседател.
Белата куќа ја отфрла реафирмацијата на односите меѓу Русија и Кина. И Вашингтон и Пекинг со обвинување за двојни стандарди.
„Ако Кина тврди дека го поддржува мирот во Европа, тогаш не може да продолжи да ја претставува најголемата закана за европската безбедност“, изјави Карин Жан-Пјер, портпаролката на Белата куќа.
„САД обезбедуваат невидена воена помош за Украина, додека упатуваат неосновани обвинувања против нормалната економска соработка и трговијата меѓу Кина и Русија“, изјави Ванг Венбин, портпарол на министерството за надворешни работи на Кина.
Западните санкции и наметнаа на Русија поблиска економска соработка со Кина. Симболичната посета во голема мера го истакна партнерството меѓу двете земји кои се соочуваат со предизвици во односите со САД и Европа.
Бојана Крстевски
