Утре свечено примопредавање на новата зграда на Велешкиот театар
25.06.2014 12:16
Објектот е изграден на 4.200 квадратни метри и располага со голема сала со капацитет од 370 посетители и мала сцена со можност да прими од 50 до 110 посетители. Основниот сценски простор од големата сцена е од модуларен тип...

Во Велес утре напладне свечено ќе биде примопредадена новата зграда на театарот-национална установа „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“, инвестиција на Владата на РМ и Министерството за култура.
Објектот е изграден на 4.200 квадратни метри и располага со голема сала со капацитет од 370 посетители и мала сцена со можност да прими од 50 до 110 посетители. Основниот сценски простор од големата сцена е од модуларен тип со три оркестарски и осум сценски платформи кои овозможуваат лесна, брза, безбедна трансформација и конфигурација на основниот сценски простор.
Објектот располага со опрема и уреди, аудио и видео системи од врвни светски производители, со можност за презентација на театарски дела со ефект и квалитет како во најсовремените театри во Европа и светот, со што ќе биде овозможено во Велес да гостуваат сценски дела од која било светска продукција.
Во тек е и конкурс за избор на драмски текст кој до крајот на годината премиерно ќе биде изведен на сцената на новиот велешки театар. Авторите може да пријавуваат свои драмски текстови напишани на македонски јазик, досега необјавени и неизведени. Конкурсот ќе трае до 20 август, а резултатите ќе бидат објавени на 5 септември.