Расте бројот на пациенти со хипертензија
Се зголемува бројот на пациенти со хипертензија, а се намалува старосната граница. Се помлади пациенти се соочуваат со висок крвен притисок. Со бесплатни прегледи и совети лекарите од Специјализираната болница за кардиоваскуларни заболувања го одбележаа Светскиот ден на хипертензија.

Расте бројот на пациенти кои заболуваат од хипертензија, а се намалува и старосната граница. Високиот крвен притисок е причина број еден за голем број смртни исходи, кардиолошки заболувања и мозочни удари. Токму затоа лекарите засилено работат на превенција и подигнување на свеста кај населението. Со бесплатни прегледи на два пунктови Специјализираната болница за кардиологија Охрид го одбележа Светскиот ден на хипертензија.
„Според светските статистички податоци хипертензијата се препишува како причина за 7,6 милиони смртни случаи во светот и како причина за 47% од пациентите со коронарни болести и 54% на пациентите со мозочен удар. Заради тоа превенцијата е итекако битна да се испрати порака колку е важен здравиот живот, здравата исхрана стоп за цигарите и мерењето на крвниот притисок“, вели д-р Елена Ковачевска Башуровска.
Стотици пациенти направија бесплатен преглед, голем дел од нив за прв пат открија висок крвен притисок.
„Малку е повисок него нормалниот но фала што има вакви моменти за да се добележи овој ден за мерење на притисок за да може да се контролира“, вели пациент со хипертензија.
„Крвниот притисок и хиперлипидемијата се два ризик фактори кои се скриени од очите но се многу битни за да превенираме кардиоваскуларен настан или мозочен удар“, вели Јасмина Хаџиева Стефановска од Крка фарма.
Нашата земја е во црвената зона при светските мерење за мозочен удар и стапка на смртност од кардиоваскуларни заболувања. Лекарите препорачуваат здрав живот и физичка активност.
Соња Рилковска
