процес

Истрагата за случајот со двојното убиство при крај, Палевски барал да го застапува тим од адвокати

17.05.2024 14:45

Љупчо Палевски предложил имиња на тројца адвокати кои сака да го застапуваат во истрагата за двојното убиство. Од Обвинителството повторуваат дека истрагата е во завршна фаза, по што ќе следува јавнообвинителска одлука...

Љупчо Палевски предложил имиња на тројца адвокати кои сака да го застапуваат во истрагата за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Неговата молба, истражниот затвор ја проследил до скопска единица од каде што велат дека ги издаваат сите дозволи поврзани со процесот, а проследени се и барањата за ангажман на наведените адвокати. Освен тоа, Кривичниот суд го добил и известувањето за неговата екстрадиција, по што Палевски ќе биде сослушан на околности поврзани со притворот.

„Судија на претходна постапка во координација со надлежниот Јавен обвинител, ќе издаде наредба за спровод на осомниченото лице за негово произнесување во однос на околностите во предлогот на Јавниот обвинител за определување на мерката притвор, а за донесеното решение јавноста ќе биде благовремено известена“ – пишува во соопштението од Судот.

Во меѓувреме, Палевски издржува 30 дневен притвор под максимално обезбедување во скопскиот затвор. Лекар ја проценил и неговата здравствена состојба.

Кога Палевски ќе биде распрашан за доказите кои го поврзуваат со двојното убиство, засега Обвинителство не открива. Повторуваат дека истрагата е во завршна фаза, по што ќе следува јавнообвинителска одлука.

 

Анита Димитријевска – Велковска