Избори 2024

Расправа во Управен суд по седумте тужби на Европскиот фронт

17.05.2024 15:06

Изборите никако да добијат крај. Управниот суд ги разгледува тужбите поднесени против одлуките на ДИК. Дали на некои избирачки места ќе има прегласување ќе зависи од тоа дали евентуално би настанала промена во распределбата на мандатите...

Управниот суд ги разгледува седумте тужби поднесени од Европскиот фронт предводен од ДУИ за решенијата на ДИК со кои поради нерегуларности се поништува гласањето во 7 избирачки места. Шест во 5-та изборна единица и едно избирачко место во шестката. Во Управниот суд се проверува и се пребројува гласачкиот материјал, но и аргументите за и против решенијата на ДИК. Доколку Управниот суд пресуди спротивно на тужбите од Европскиот фронт, на ДУИ и коалицијата се доведени во прашање два пратенички мандати. Во оспорените избирачки места право на глас имаат 4.000 граѓани, а на пратеник плус се надеваат ВМРО-ДПМНЕ и ЛДП. Фронтот обвинува за изборен инжинеринг и обид преку одлуките на ДИК да му се одземат пратенички мандати. Членовите на ДИК во соопштение велат ДИК во целост професионално, транспарентно и само врз основа на закон ги спроведе изборите што е потврдено од сите домашни и меѓународни фактори.

„Покрај тоа што сме лично понижувани и навредувани, исто така како членови во највисоката институција за организирање и спроведување на изборите, сме изложени и на неосновани и непримерни јавни политички притисоци и на закани за кривична одговорност поради донесените одлуки на ДИК. Покрај тоа, а следејќи го контекстот и интензитетот на нападите, прозивките и навредите, исто така сме загрижени и дека е можно истите да преминат и во лични напади на нашата сигурност“, се наведува во соопштението на Државната изборна комисија.

Изјавите на Бујар Османи, Талат Џафери се јасно прекршување на независноста на судството кое го загрозува интегритетот на судскиот и изборниот процес – констатираат во коалицијата „Вреди“. Сметаат дека наодите на ДИК јасно потврдуваат дека ДУИ извршил нерегуларности и манипулации во изборниот процес.

 

Миле Ристески