Кои се пратениците со политички трансфер?
Се крчка идниот владин состав. Од НСДП ги отфрлаат шпекулациите дека нивни пратеници се меѓу оние 61 за кои зборуваше Мицкоски. Зајкова од ЛДП, остана недостапна за да потврди дали ќе ја напушти коалицијата предводена од СДСМ. Преговорите со коалицијата „Вреди“ продолжуваат...

Од НСДП категорично ги отфрлаат шпекулациите дека нивни пратеници се меѓу оние 61 за кои зборуваше претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски. Пратеникот Мисовски за МТВ рече дека останува во опозиција.
„Ниту јас, ниту мојата сопартијка Соња Мираковска, не сме меѓу оние три пратеници кои според наводите на Мицковски преминале кај нив. Ние остануваме во опозиција. Како ќе делуваме понатаму, дали како независни или со други пратенички групи, тоа е сосема друга работа“, изјави за МТВ Мисовски.
Зајкова од ЛДП, која е единствената од оваа партија со освоен пратенички мандат, а која се споменува во написите, остана недостапна за да потврди дали ќе ја напушти коалицијата предводена од СДСМ.
Претходно, уште во екот на кампањата, Енес Ибрахим претседател на Партијата за движење на Турците и кандидат за пратеник на „Коалиција за европска иднина“ во ИЕ5, посочи дека Турците, кандидати за пратеници, кои се во коалиција со Демократската унија за интеграција (ДУИ) во рамките на „Европскиот фронт“, не делат заеднички вредности, па по изборите ќе ја напуштат оваа коалиција. Дали тоа се пратениците кои ќе ја направат бројката од 61, сè уште никој не сака да потврди од посочените пратеници.
Како и да е, веќе се крчка идниот владин состав. Мицкоски, кој согласно резултатите ќе го добие мандатот да го составува, веќе соопшти дека освен своите 58 пратеници, има обезбедено уште 3 односно 61 вкупно. Но, не сакаше да сподели за кои пратеници се работи. Се знае само дека преговорите со коалицијата „Вреди“ продолжуваат согласно договорените принципи на делување, силно динамизирање на евроинтеграциите, бескрупулозна борба против корупцијата и криминалот и економски реформи за повисок животен стандард.
Фиљана Кока
