Здравство

Во Куманово се зголемува бројот на заболени од карцином на кожа

18.05.2024 09:23

Податоците покажуваат зголемување на бројот на заболени од карцином на кожата. Лекарите укажуваат дека се намалува и возрасната граница. Апелираат граѓаните да се заштитат од сонце, и за секоја промена навреме да побараат совет …

Се зголемува бројот на заболени од карцином на кожа. Се намалува и возрасната граница. Здравствените работници со совети навремени прегледи особено при промени на кожата и на бемките. Точна бројка на заболени нема, но велат болеста расте. Нема правило ниту за возраста. Најмладиот пациент имал 6, а највозрасниот 90 години. Сепак велат најзастапена е групата од 50 до 60 години. Причините освен генетскиот фактор, најчесто се голема изложеност на сонце без заштита.

„Генетскиот фактор, потоа изложеност на сонце на вработени кои се врзани со природа, земјоделци, градежни работници, рибари но и кај севкупната популација се повеќе се изложени на сонце во летен период на природа и вода, а не користат заштитни средства, и во последни години тренд е користење на солариум што ние дерматолозите велиме исклучително не“, истакна д-р Виолета Кузмановска, раководител на Дерматовенерологија при општа болница Куманово.

Лекарите апелираат при подолга изложеност на сонце граѓаните да се заштитат со креми, капи и очила за сонце, но и редовно да се самопрегледуваат. За секоја сомнителна промена да побараат совет од стручно лице.

Здравата исхрана велат здравствените работници не е клучен фактор при оваа болест, но таа полесно ќе се надмине доколку имунитетот е зајакнат.

Меланомот се смета за водечка причина за смрт од сите карциноми на кожата. Идната седмица преку бесплатни прегледи ќе се крева свеста за оваа болест.

 

Елена Георгиевска