Јанкулоска: Македонија не е изолирана од опасностите од тероризмот

25.06.2014 13:15

За Македонија тоа е проблем исто толку колку што е проблем за САД и за која било друга демократска држава во светот...

Радикализмот е глобален проблем и неопходна е силна координирана акција на сите институции во секоја земја, но и меѓународно поврзување за да се елиминираат последиците од радикализмот чиј таргет за дејствување се токму демократските земји.

„Очигледно ова е закана за целиот свет и Македонија не е изолирана во поглед на опасностите, но и во поглед на мерките кои неопходно мора да се преземаат. Токму настаните како денешниов се добра прилика за размена на искуствата, за најдобрите практики и да се поразговара за перспективите односно моделите или одредени интервенции во легислативата или промени во методологијата на работа“, истакна министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска на дводневниот национален семинар „Сузбивање на насилниот екстремизам и радикализам кој води кон тероризам (ХЕПТ)“, што почна денеска во Скопје.

Евидентно, посочи таа, е дека заканата со која се соочуваме е закана со која се соочува целиот демократски свет.

За Македонија тоа е проблем исто толку колку што е проблем за САД и за која било друга демократска држава во светот. Кога станува збор за тероризмот не постојат мали и големи држави под закана на ова глобално зло, изјави Јанкулоска.