Жестоки борби во областа Харков, во последните 24 часа регистрирани 101 воен удар
Интензивни битки се водат во Харков. Претседателот Зеленски вели дека е важно да ја спречат Русија да ја прошири војната. Ја отфрли идејата за примирје за време на олимписките игри во Париз. По обвинувањата на Вашингтон дека Пекинг не може да има добри односи со европските земји и истовремено да ја поддржува Москва, Кина повика САД да изнајдат политичко решавање на тековната украинска криза …

Жестоки борби се водат на новиот воен фронт во Украина, во областа Харков. Врховниот командант на украинските вооружените сили предупреди дека претстојат тешки борби. Во изминатите 24 часа е регистриран 101 воен судир. Претседателот Зеленски вели дека е важно да ја спречат Русија да ја прошири војната. Ја отфрли идејата за примирје во војната за време на Олимписките игри во Париз, за што францускиот претседател Макрон изрази желба.
Зеленски: Сакаме фер крај на војната
„Ние не сме против примирјето и не сме против крајот на војната. Но, ние сакаме фер крај на војната. И ние сме против секое примирје што е во корист на непријателот. Јасно е зошто, едноставно не сакам да им дозволам да заземат повеќе од нашата територија“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Германија побара да се испрати оружје со долг дострел во Киев поради драматичната ситуација на фронтот. Од друга страна, рускиот претседател Путин изјави дека московските сили во областа создаваат тампон-зона за заштита на руските погранични региони и дека нивната цел сè уште не е да го заземат Харков. Жителите коишто останаа во областа велат дека им е доста од војната.
„Му се молам на Господ Бог да ги тргне Русите“, изјави жител на Харков.
„Украинците и жителите на Харков веќе се навикнати на ова. Многу е тажно да се гледа сето ова, бидејќи ќе се сеќавам на моето детство со експлозии, гранатирање. Сакам да плачам“, вели жителка на Харков.
Политичко решавање на тековната украинска криза
Кина ги повика Соединетите држави да направат нешто практично за политичко решавање на тековната украинска криза, наместо да ја префрлаат вината.
„Кина не е ниту креатор на кризата, ниту страна во неа. Отсекогаш сме биле на страната на мирот и дијалогот. Кој ја започнал неволјата, нека стави крај. Ја повикуваме американската страна да престане да ја префрла вината на Кина, да престане да се обидува да забие клин меѓу Кина и Европа, да престане да истура нафта на огнот и да направи нешто практично за политичко решавање на украинската криза“, изјави Ванг Венбин, портпарол на МНР на Кина.
Изјавата следува откако рускиот претседател беше во посета на Кина. Портпаролот на американскиот Стејт департмент рече дека Пекинг не може да има добри односи со европските земји и истовремено да ја поддржува Москва, нарекувајќи ја Русија закана за безбедноста на европските земји, вклучително и Украина.
Маријана Димовска
