Откриено прво античко градско собрание во локалитетот Стибера кај Прилеп
Локалитетот Стибера кај Прилеп во себе го крие првото градско собрание од античкиот период, таканаречена Агора. Објектот почна да се открива деновиве, а наскоро ќе се покаже со сета своја амфитеатрална величина, во која е сместена собраниската сала...

Во Стибера на повидок е пронаоѓањето на првото градско и регионално собрание во античките градови во Македонија. Вакво нешто досега не е откриено на ниту еден локалитет во нашата држава. МТВ пред неколку денови објави за откритието на овој грандиозен објект, но тогаш не се знаеше што претставува тој. Вчера се пронајдени мермерни плочи со натписи каде се потврдува тоа.
„Откриена е засега дворната прсторија, пронаос, кој е всушност местото каде советниците на тоа градско собрание се собирале пред да влезат во онаа главна сала. Оваа влезна просторија, пред онаа главна собраниста просторија од која имаме откриено само дел, во ширина има димензии од 23 метри“, вели Душко Темелкоски, раководител на проектот.
Се претпоставува дека е откриена и влезната врата од главната собраниска сала од тој период. Во наредната година ќе продолжат истражувањата и се очекува позади огромниот куп на земја, кој сега го има кај ова врата, да се открие амфитеатрално поставената собраниска сала, каде во тоа време дебатирале советниците.
Таа сала сместена под огромниот рид, се очекува да биде исто така со грандиозни димензии. Нејзиното пронаоѓање ќе се бара со новиот гео скенер..
„Следната година ќе добиеме поголеми средства за истражувања за да се истражи ридот во насока на движењето на објектот, односно собранието. Тој гео скенер многу ќе ни помогне каде точно да се движиме“, изјави Гордана Данилоска Спироска, директор на Завод и музеј Прилеп.
Стибера била еден од најголемите македонски антични градови со 20.000 жители, а досега се откриени само 1 процент од него.
Дарко Штаргоски
