кабинет

Сиљановска-Давкова ќе ја предводи државно-црковната делегација во Рим

18.05.2024 12:18

Освен со папата, шефицата на македонската држава во италијанската престолнина ќе се сретне и со нејзиниот колега, претседателот Серџо Матарела...

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ќе ја предводи државно-црковната делегација за одбележување на традиционалната манифестација во чест на Свети Кирил во светиот престол и во Рим. Освен со папата, шефицата на македонската држава во италијанската престолнина ќе се сретне и со нејзиниот колега, претседателот Серџо Матарела. Во делегација ќе бидат и четворица претставници од Министерството за култура, членови од кабинетот на претседателката, директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи и неколкучлената делегација на МПЦ-ОА, која ќе ја предводи митрополит Тимотеј.

Носителка на културната програма ќе биде Националната установа Камерен оркестар, но во намален состав. Најверојатно аудиенцијата кај папата Франциск и средбата со италијанскиот колега ќе биде прва официјална посета на претседателката по нејзината инаугурацијата на 12-ти мај.

Останува отворено прашањето дали Сиљановска – Давкова ќе има заедничка активност со претседателот или премиерот на Бугарија во Рим. По потпишувањето на договорот за добрососедство со источниот сосед, се практикува претставници од државниот врв на Македонија и на Бугарија да имаат заедничка активност по повод чествувањето на Свети Кирил.