Трибина

Институциите имаат несериозен пристап за лицата со аутизам

18.05.2024 15:48

„Аутизмот во Македонија-лет во место или прогрес“ беше тема на трибината која се одржа во Охрид во организација на Македонското здружение за аутизам. Според експертите од година во година се зголемува бројот на деца со аутизам, но она што уште повеќе загрижува е тоа што грижата за нив е несоодветна. Пред сè тоа се однесува на детекцијата на нивната состојба поради што родителите лутаат од една до друга институција …

Најголемиот проблем со кој се соочуваме како родители е тоа што нашите деца се лошо прифатени од средината и многу често нема дијагноза за нивната состојба, поради што лутаме низ институциите. Мојот син има три дијагнози, вели Валентина Павловска Златановска, родител на дете со атипичен развој. Сепак нејзиниот син благодарение на новиот закон за инклузија добил асистент во средно образование и сега е матурант.

„Се надеваме веќе и од фирмите да почнат да вработуваат вакви лица. Не само да седат дома кога ќе завршат со образованието. Нема каде да се реализираат, веќе она што го имаат стекнато како навика, како пракса во училиштето“, изјави Валентина Павловска Златановска-родител на дете со аутизам.

Споредено со развиените земји нашата држава многу заостанува во третманот на лицата и децата со аутизам, велат експертите при што посочуваат дека државните и здравствените институции не нудат одговори за решавање на нивните проблеми.

„За жал Македонија е доста назад во однос на рехабилитацијата, третманот, дијагностиката на децата и лицата со аутистичен спектар на нарушување. И јас често ја давам таа споредба дека сме 50-тина години зад САД, најмалку 30-тина зад земјите од Западна Европа“, изјави проф. д-р Владимир Трајковски-филозовски факултет при УКИМ Скопје.

„Здравството значи буквално можам да кажам дека не се справува добро со овие лица, зашто сепак немаме доволно едуциран кадар, се работи несериозно, непрофесионално, едноставно родителите лутаат од едни институции во други, дури одат странство да најдат лек и дијагноза за своето дете“, изјави Александра Сабрас Апостолова-дефектолог во Општа болница Охрид.

Надминувањето на сегашните состојби велат експертите е можно доколку во иднина нивниот третман биде еден од приоритетите на надлежните министерства со што ќе им се обезбеди подобар квалитет на живот.

 

Сашо Нелоски