Мостот во Пчиња сè уште чека реконструкција
Пролетните врнежи од дожд ги зголемија водостоите на реките. Но се зголеми и опасноста од уривање на мостот во кумановска Пчиња. Жителите со страв поминуваат по мостот кој е единствена врска со Куманово, но и спојува неколку села. Надлежните сè уште ја префрлуваат одговорноста кој треба да го реконструира …

Мостот во кумановска Пчиња сè уште чека на реконструкција. Врнежите од дожд го зголемија и стравот кај жителите дека истиот може да се урне. И покрај апелите, надлежните продолжуваат да ја префрлаат одговорноста, кој треба да го реконструира.
Мостот во Пчиња е оштетен од 2013-та година од тогаш надојдените води. Изграден е во 70-тите од тогашна ЈНА, и до тогаш не е реконструиран.
Мостот го поврзува селото но и води кон неколку соседни кумановски но и скопски села. Категоризиран е како регионален, иако постоечкиот кон Винце може да го користат само теренски возила.
„Од другата страна на мостот живеат околу 100-ина жители, имаме основно училиште, децата секојдневно поминуваат и е голем ризик, стравуваат родителите, овој мост спојува уште две села, граѓаните стравуваат користат земјоделски машини“, истакна Бобан Маневски, жител на с. Пчиња, кумановско.
Општина Куманово во 2018-та година изготви проект за реконструкција на мостот во Пчиња, но средства за реализација нема. Проектот би чинел 300.000 евра.
„Треба да се санира, имаме проблем со отсечување на три села, па и повеќе жители на село Длга исто така тука поминуваат ги работат земјоделските насади, Вакв, Винце, и половина од село Пчиња“, дополни Иван Вукановски, жител на с. Пчиња, кумановско.
Од Општина Куманово за македонската телевизија одговорија дека побарале стручно мислење од Институтот за сеизмички отпорни градби и климатски промени. Во кусиот одговор не наведуваат што е констатирано. Мислењето е доставено до МВР.
Елена Георгиевска
