100 години од изработката на првите охридски бисери
Охридското семејство Талеви годинава одбележува сто години од изработката на првите охридски бисери. Традицијата која започнала пред еден век иако има осумдесет и три години сè уште ја продолжува Климент Талев заедно со неговиот син и внукот којшто го носи неговото име. Тие со задоволство велат дека илјадници гердани изработени во нивниот дуќан ги носат припаднички на понежниот пол во целиот свет. Особено се горди на нивните рачно изработени гердани кои како подарок од македонски високи претставници им биле врачени на видни личности од светот меѓу кои се кралицата Елизабета Втора и Дијана - принцезата од Велс …

Пред 100 години со откупувањето на тајната формула започнува приказната за охридските бисери кои ги изработува охридското семејство талеви.83-годишниот Климент Талев веќе 62 години изработува оригинални бисери и е пресреќен што го доживеал овој јубилеј, укажувајќи дека годините за него не се пречка секој ден да навраќа во семејниот дуќан во охридската чаршија. За да се изработи нешто убаво и вредно како што вели тој потребни се многу труд, трпение и љубов.
„Охридскиот бисер е единствен и уникатен. Зошто? Бидејќи изработката на охридскиот бисер е исклучиво рачна. Значи емулзијата која претставува тајна на нашата фамилија и се пренесува од татко на син, значи од колено на колено е исто така многу карактеристична што е направена од рибино сребро кое го добиваме од нашата риба плашица“, изјави Климент Талев-изработувач на оригинални охридски бисери.
Климент е пресреќен што неговиот син, но и внук ја продолжуваат семејната традиција.
„Товарот е голем, сепак нешто што започнал дедо ми, Бог да го прости, во 1924 и татко ми, јас сум број три, па сега ќе продолжи и мојот син. Со негова помош и помош од татко ми тераме и натаму, доколку рекол Господ“, изјави Ване Талев-изработувач на оригинални охридски бисери.
Климент Талев е особено горд на златниот медал што му го врачила европската експертска комисија во Брисел 2001 година поради уникатноста и убавината на бисерите што ги изработува. Врз основа на тоа од Министерството за економија добил сертификат дека изработува оригинални охридски бисери.
Сашо Нелоски
