Илјадници активисти во центарот на Тел Авив, бараат ослободување на заложниците
Израелската одбрана објави дека е пронајдено уште едно тело на заложник, киднапиран на 7-ми октомври. Во Тел Авив протести. Демонстрантите бараат оставка од владата и враќање на заложниците. Се продлабочува јазот меѓу членовите на израелскиот воен кабинет. Упатени критики и ултиматум за премиерот Нетанјаху за ставање крај на војната. За војната на Блискиот Исток советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан, на разговори во Саудиска Арабија и во Израел...

Илјадници активисти се собраа синоќа во центарот на Тел Авив со барање за предвремени избори и итен договор за ослободување на заложниците. Демонстрантите го обвинуваат премиерот Нетанјаху дека ги става политичките интереси пред сè.
„Оваа влада ја носи нашата земја таму каде што не сакам да ја видам. Каде и да одиме, гледам корупција, недостаток на надеж, визија, гледам медиократија“, изјави демонстрант.
„Пред сè, сакам да се вратат сите 132 заложници, затоа сум на улица. И ни требаат избори, треба да се смениме нашата влада“, додаде друг демонстрант.
Дополнителен револт предизвика и објавата од израелската армија дека покрај пронајдените тела на тројца Израелци, пронашле уште едно тело на заложник. Повикувајќи се на разузнавачки информации, војската соопшти дека сите биле убиени на 7-ми октомври.
„Рон Бенџамин, беше брутално убиен од Хамас, а неговото тело беше киднапирано во Газа. Идентификуван беше вчера и донесен во Израел на погреб“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелските одбранбени сили.
Израелската армија соопшти дека продолжува да дејствува во Џабалија и Рафах. Хуманитарната помош преку американскиот коридор пристигнува. Побарано е од Палестинците да се евакуираат во северниот дел на Газа. Во меѓувреме се продлабочува јазот во израелскиот воен кабинет. Бени Ганц предупреди дека ќе ја повлече својата центристичка партија Национална унија од вонредната влада.
„Нешто тргна наопаку. Не беа донесени суштински одлуки. Актите на лидерство потребни за да се обезбеди победа не беа извршени. Додека израелските војници покажуваат неверојатна храброст на фронтот, некои од луѓето кои ги испратија во битка се однесуваат со кукавичлук и недостаток на одговорност. Потребна е промена овде и сега“, изјави Бени Ганц, министер во воениот кабинет на Израел.
Ганц наведе план од шест точки кој вклучува враќање на заложниците, ставање крај на владеењето на Хамас, демилитаризација на Појасот Газа и воспоставување меѓународна администрација за цивилни работи со американска, европска, арапска и палестинска соработка. Нетанјаху тврди дека барањата на Ганц ќе доведат до крај на војната, но и пораз на Израел. Го обвини коалицискиот партнер, дека му дал ултиматум на премиерот, наместо на Хамас.
Маријана Димовска
