„Со книга на плажа“ по 15-ти пат
Оваа година според читателите апсолутен хит е последната книга на Јелена Бачиќ Алимпиќ „Последната пролет во Париз“...

Продолжува традиционалната, веќе 15 по ред акција „Со книга на плажа“ во организација на Клубот Матица. Целта е да се поттикнат граѓаните повеќе да читаат во летните месеци.
Како и секоја година и оваа се избира „Хит на летото“. Оваа година според читателите апсолутен хит е последната книга на Јелена Бачиќ Алимпиќ „Последната пролет во Париз“.
Дополнително, активностите кои во соработка со туристичките агенции ќе се реализираат летово имаат за цел да ги поттикнат граѓаните да ги посетат македонските туристички центри, но и оние кои ќе решат својот летен одмор да го поминат некаде во странство, да се дружат со книгата да читаат повеќе, изјави на денешната прес-конференција Дејан Павлески, директор на Клуб Матица.
Покрај овие активности, годинава ќе се повтори и кампањата „60 летни денови – 60 нови наслови”, со што повторно ќе се одбираат летни наслови по промотивни цени, секој ден во текот на наредните месеци.
Во летниот период, во Клуб Матица ќе се собираат и книги од читателите но и лектирски изданија на Матица, кои ќе бидат подарени на децата од социјално загрозени семејства за време на летувањето.
