Реакции

Преспанскиот договор „камен на сопнување“

19.05.2024 16:34

Преспанскиот договор, за или против негово спроведување е тема и во Грција. Актуелниот шеф на грчката дипломатија Герапетритис повика на негово целосно имплементирање и изрази уверување дека и граѓаните на Северна Македонија не сакаат нарушување на односите со Грција. Поранешниот шеф на грчката дипломатија и потписник на договорот од Преспа Коѕијас пак ја критикуваше грчката влада што 5 години го кочи донесувањето на протоколите од преспанскиот во парламентот. И лидерот на опозициската Сириза Каселакис го прозва Мицотакис дека одбива да го спроведе, но не му е во интерес поништувањето на Преспанскиот …

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во интервјуто за солунскиот весник „Македонија“, ја повика новата претседателка Гордана Сиљановска Давкова „да избегне слични нелегални и провокативни“ избори и порача дека ратификацијата на трите меморандуми зависи и од тоа колку другата страна ќе се покаже доследна до меѓународните обврски.

Шефот на дипломатијата Герапетритис во интервју за весникот „Реал њуз“ вели дека е неопходно негово доследно целосно почитување.

„Граѓаните на Северна Македонија не би сакале да ги стават во опасност односите со Грција и европската перспектива на земјата“, истакнал шефот на грчката дипломатија.

Поранешниот министер за надворешни работи Никос Коѕијас пак во колумна за весникот „Катимерини“ ја критикуваше грчката влада, за неносењето на протоколите во Грција, коишто пет години се заглавени во грчкиот парламент.

„Владата не само што не ги направи пропишаните меѓувладини дејствија, туку господинот Мицотакис не ни стапна во Скопје. Може ли некој да ми каже зошто ќе и наштети на Грција да го контролира воздушниот простор на Северна Македонија? Дали е „предавство“ да се донесат овие протоколи што го предвидуваат тоа во Парламентот, додека ако Турција ја преземе одбраната над нашата северна граница тоа ќе биде врв на „патриотизмот“ како што некои глупаво тврдат?“, додава Коѕијас.

„Ако сметате дека договорот од Преспа е предавнички, еве ви шанса да го поништите, но нема да го сторите тоа, бидејќи договорот е она што го посакувавте како партија“, му порача лидерот на опозициската СИРИЗА, Стефанос Каселакис на премиерот Мицотакис.

А пред само неколку дена потенцијалниот мандатар за новата влада Мицкоски му порача на грчкиот премиер Мицотакис да му се придружи во рушење на Преспанскиот договор. Посочи ВМРО-ДПМНЕ и тамошната влада предводена од Нова демократија имаат свој став поврзан со Преспанскиот договор, бидејќи ниту на едните ниту на другите не им се допаѓа.

 

Ирина Гелевска