Едно лице почина, едно е со тешки повреди од несреќа во лифт во Штип
Во несреќа во лифт во угостителски објект во Штип почина 71 годишен готвач во пензија, а неговиот помлад колега е со тешки повреди, но во стабилна состојба. Трудов инспектор утврдил дека и двајцата биле ангажирани за дневница. Обвинителството обезбедува докази за расчистување на трагичниот настан …

Двајца угостителски работници при извршување на работна задача во угостителски објект во Штип вчера попладне се здобија со тешки повреди предизвикани од пад на лифт за храна. Итно биле пренесени во Клиничката болница, каде 71 годишниот В.П. им подлегнал на повредите, а неговиот 56 годишен колега е со тешки повреди и е хоспитализиран на одделението за ортопедија. Од Клиничката болница информираат дека неговата состојба е стабилна, но има тешки повредни на ’рбетот. Директорката на Државниот инспекторат за труд Весна Томовска информираше дека на лице место увид извршил трудов инспектор кој утврдил дека двајцата работници не биле вработени, туку работно ангажирани во ресторанот. Од утре надлежни инспектори ќе утврдуваат дали имало пропусти во мерките за безбедност при работа во угостителскиот објект.
Од Обвинителството информираат дека се обезбедуваат докази за расчистување на настанот и ќе се изврши техничко вештачење на лифтот. Како дошло до трагедијата сè уште нема официјални информации. Телото на починатото лице е дадено на обдукција. Починатиот е пензиониран готвач, кој во угостителскиот објект работел за дневница.
Славица Величковска
