Се продлабочува јазот во израелскиот воениот кабинет
Израелски министер најави оставка од воениот кабинет доколку Нетанјаху не успее да договори план за Газа. Советникот за национална безбедност на Белата куќа Џејк Саливан на разговори во Саудиска Арабија и во Израел. Во енклавата продолжуваат борбите. Во напад на бегалскиот камп Нусејрат во центарот на Газа загинаа над 20 лица …

Се продлабочува јазот во израелскиот воен кабинет. Бени Ганц предупреди дека ќе ја повлече Национална унија од вонредната влада, доколку до 8-ми јуни премиерот не изготви повоен план за Газа. Тој понуди свој предлог од шест точки за решавање на војната. Нетанјаху пак, тврди дека барањата на Ганц се празни зборови и би значеле пораз за Израел и создавање палестинска држава.
„Нешто тргна наопаку. Не беа донесени суштински одлуки. Актите на лидерство потребни за да се обезбеди победа не беа извршени. Додека израелските војници покажуваат неверојатна храброст на фронтот, некои од луѓето кои ги испратија во битка се однесуваат со кукавичлук и недостаток на одговорност. Потребна е промена овде и сега“, изјави Бени Ганц, министер во воениот кабинет на Израел.
За војната на Блискиот Исток и повоена Газа, советникот за национална безбедност на Белата Куќа, Џејк Саливан на разговори во Саудиска Арабија и во Израел. Илјадници активисти се собраа синоќа во центарот на Тел Авив со барање за предвремени избори и итен договор за ослободување на заложниците.
„Оваа влада ја носи нашата земја таму каде што не сакам да ја видам. Каде и да одиме, гледам корупција, недостаток на надеж, визија, гледам медиократија“, изјави демонстрант.
„Пред сè, сакам да се вратат сите 132 заложници, затоа сум на улица. И ни требаат избори, треба да се смениме нашата влада“, вели друг демонстрант.
Дополнителен револт предизвика и објавата од израелската армија дека покрај пронајдените тела на тројца Израелци, пронашле уште едно тело на заложник, убиен за време на нападот на 7-ми октомври.
„Рон Бенџамин, беше брутално убиен од Хамас, а неговото тело беше киднапирано во Газа. Идентификуван беше вчера и донесен во Израел на погреб“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелските одбранбени сили.
Израелската одбрана соопшти дека дејствува во Џабалија и Рафах, а во тек е и доставата на хуманитарна помош преку американскиот коридор. Побарано е од Палестинците да се евакуираат во северниот дел на Газа.
Маријана Димовска
