Екстерното тестирање успешно, просечната оценка повисока од лани

25.06.2014 15:15

До Државниот испитен центар пристигнале 100 забелешки, а учениците до петок можат да праќаат приговори за екстерното од јунскиот испитен рок...

Многу добар успех покажале учениците на екстерното тестирање. Просечната оценка е 3,63 и е за 0,38 насто подобра од лани. Скопските училишта „Гоце Делчев“ и „Орце Николов“ имаат најдобри резултати.

Министерот за образование Адеми го оцени тестирањето како успешно. Задоволен е од соработката со училиштата. Поради изборите, наставниците не ги добија наградите ниту казните и за минатото екстерно тестирање. До 1- ви септември ќе се знае кои наставници ќе  имаат повисока или пониска плата.

„Нема да има смисла целиот процес доколку некој не биде казнет , така беше и концептот за да имаме рално оценување“, рече министерот за образование и наука, Абдилаќим Адеми.

До Државниот испитен центар пристигнале 100 забелешки, а учениците до петок можат да праќаат приговори за екстерното од јунскиот испитен рок. Надлежните дополнително ја проверуваат и објективноста на наставниците кои предаваат практични предмети и вештини, а не беа опфатени со тестирањето.

„Овие наставници се проверуваат преку проверка на портфолијата на учениците, државниот испитен центар работеше и на подобрување и на овој процес“, рече Мируше Амети, директор Државен испитен центар.

3.100 ученици не биле екстерно тестирани. Оние кои биле оправдано отсутни ќе бидат оценувани во августовскиот рок. Со ова екстерно тестирање беа опфатени 680 училишта, околу 190.000 ученици и 18.000 наставници.

 

Викторија Тодоровска