Се утврдуваат причините за несреќата во угостителскиот објект во Штип
Обвинителството и надлежните инспекторати денес работат на утврдување на причините за несреќата во угостителски објект во Штип, каде во саботата едно лице загина, а едно е со повреди на ’рбетот.

Обвинителството и трудовиот инспекторат работат на утврдување на причините кои доведоа до трагичниот настан пред два дена кога во угостителски објект во Штип едно лице го загуби животот, а едно е тешко повредено при несреќа во лифт за храна. Трудовиот инспекторат утврдува дали се исполнети законските стандарди за безбедност при работа, а стручно лице изврши увид во техничката исправност на лифтот. Обвинителството ги испитува и останатите околности на настанот.
При увидот на трудовите инспектори веднаш по несреќата, утврдено е дека двете лица не биле вработени, туку биле повремено ангажирани како угостителски работници. Починатиот е на 71- годишна возраст и бил професионален готвач.
Повредениот маж е на 56 годишна возраст, тој е хоспитализиран на Одделението за ортопедија во Клиничката болница во Штип, од каде информираат дека е во стабилна здравствена состојба. При несреќата тој се здобил со повреди на два пршлени на ’рбетот. Телото на починатиот е дадено на обдукција.
Славица Величковска
