Иран

Петдневна жалост по смртта на иранскиот претседател

20.05.2024 12:25

Претседателот на Иран, Раиси, министерот за надворешни работи и нивната придружба загинаа во хеликоптерска несреќа. Врховниот лидер Хамнеи прогласи петдневна жалост и назначи вршител на должноста претседател кој што треба да распише нови избори за 50 дена. Светските лидери и милитантите групи Хамас, Хути и Хезболах со последен поздрав и сочувство за народот во Техеран...

Знамињата во Иран на половина копје. Претседателот Ебрахим Раиси, министерот за надворешни работи Хосеин Амир Абдолахиан и нивната придружба загинаа во хеликоптерска несреќа. Леталото произведено во 1960 година се урнало додека минувале планински терен на враќање од границата со Азербејџан во услови на густа магла.

„Дефинитивно Раиси беше популарна личност и не е лесно да се замени. Неговото отсуство секогаш ќе се чувствува. Но, се надевам дека луѓето ќе изберат замена која ќе тргне по истиот пат“, рече жител на Техеран.

„Тој се обиде добро да ги извршува своите обврски, но мислам дека не беше успешен како што требаше. Мислам дека тој не го вложи потребниот напор за луѓето“, вели жител на Техеран.

Според Уставот, потпретседателот Мокбер привремено ја презема функцијата претседател и има 50 дена да организира избори. Заменик министерот за надворешни работи станува вршител на должноста – шеф на дипломатијата.

„Прогласувам петдневна жалост и му изразувам сочувство на драгиот народ на Иран. Господинот Мокбер, според поглавјето 131 од Уставот, ќе биде задолжен за управување со извршната власт и има задача да организира избор на нов претседател во рок од 50 дена, со помош на шефовите на парламентот и судството“, порача врховниот водач, ајатолахот Али Хамнеи.

Рускиот претседател Путин, кинескиот претседател Си Џинпинг, турскиот претседател Ердоган, сирискиот претседател Башар Асад беа меѓу првите кои испратија пораки за сочувство. И милитантните групи Хамас, Хути и Хезболах со последен поздрав и сочувство до Техеран. Израел на никаков начин не е вмешан во смртта на иранскиот претседател и министерот за надворешни работи, изјави израелски претставник за Ројтерс.

„Сочувство до братскиот народ на Иран за смртта на претседателот на Републиката, нашиот колега Министерот за надворешни работи и нивната придружна делегација по инцидентот на кој беа изложени вчера“, изјави Мохамед Бин Абдулрахман Ал Тани, премиер на Катар.

„Ние сме подготвени да продолжиме да ја обезбедуваме сета потребна поддршка и помош на Иран. Кина ја поддржува иранската влада и народ во заштитата на независноста, стабилноста и развојот“, изјави Ванг Венбин, портпарол на МНР на Кина.

63-годишниот Раиси беше избран за претседател ан Иран во 2021 и беше вториот најмоќен човек во земјата, по врховниот лидер ајатолахот Али Хамнеи. Ќе биде запаметен како лидер што нареди построго спроведување на законите за морал и крваво задушување на антивладините протести.

 

Маријана Димовска