Молк околу преговорите за формирање влада
ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“ во разговори за формирање Влада. Со прегласувањето, Мицкоски очекува пратеник плус, таргет е двотретинското мнозинство. Двете страни без какви било детали околу тоа до каде се преговорите…
Молк околу преговорите за формирање влада меѓу ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“. Двете страни без какви било детали околу тоа до каде се преговорите. Останува само тоа дека можно е до петок да се излезе со конечен договор.
Билал Касами, лидерот на „Беса“ и еден од челниците во коалицијата „Вреди“ рече дека сè уште се разговара за принципите за функционирањето на Владата, не и за ресорите и персоналните решенија. Вели, останува градоначалник на Тетово без амбиција за министерска фотелја.
Касами останува градоначалник на Тетово
„Тоа е дел од стратегијата за преговарање, ние може да бараме и половина влада, може да ни се понуди многу малку, но на крај ќе дојдеме до тоа што ќе биде најсоодветно за сите партнери на следната влада, но што е најважно во интерес на граѓаните. Али Ахмети знае како ги добил и овие мандати кои ги добил сега. Затоа е во паника. Ние едноставно кажуваме да им дадеме можност на граѓаните во среда да излезат и да гласаат“, изјави Касами.
Откако Таравари излезе со став дека „Вреди“ добива шест министерства, а се разговара и за спикерското столче во парламентот, тој подоцна се демантираше самиот и рече дека тоа биле само барања.
Внатрепартиски состаноци во СДСМ
А, социјалдемократите од оваа седмица започнуваат со внатрепартиските состаноци за подготовка на изборниот конгрес, откако изгубија на парламентарните избори и освоија 18 пратенички места во новиот парламент.
Миле Ристески
