Скопје и Атина да се придржуваат до Договорот од Преспа, бара Европската комисија
Не стивнуваат реакциите откако претседателката Сиљановска Давкова, на инаугурацијата, при читањето на свечената изјава не го употреби уставното име на земјата, но се потпиша како претседател на Република Северна Македонија...

Европската комисија побара Скопје и Атина да се придржуваат до Договорот од Преспа и да ги спроведуваат неговите одредби.
„Добрососедските односи и регионалната соработка остануваат клучни за процесот на проширување. Постојните билатерални договори треба да се спроведуваат со добра волја од сите страни, вклучително и Договорот од Преспа меѓу Северна Македонија и Грција“, рече за Еуроактив портпаролот на Комисијата.
Не стивнуваат реакциите откако претседателката Сиљановска Давкова, на инаугурацијата, при читањето на свечената изјава не го употреби уставното име на земјата, но се потпиша како претседател на Република Северна Македонија. Дополнително и со изјавата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски кој рече дека негово право е како да ја нарекува земјата.
Вето доколку не се почитува договорот
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис се закани дека ќе стави вето на патот на Северна Македонија кон ЕУ доколку Скопје не го почитува договорот за промена на името. А трите протоколи за соработка нема да поминат низ парламентот. Реагираше и шефот на дипломатијата на Грција, Јоргос Герапетритис.
„И Грција и Северна Македонија задолжително треба да ги почитуваат меѓународните обврски кои ги презеле. Грција внимателно го набљудува почитувањето на договореното. Сè уште се нема заколнато владата на Северна Македонија, ќе почекаме на развојот на настаните. Засега нема намера за иницијатива на постапка за прекршување на договорот. За ова е одговорна грчката дипломатија, и се разбира Европската унија“, додаде Герапетритис.
Разочараност кај САД
Американската државна потсекретарка и висока функционерка на Стејт Департментот, Елизабет Ален посочи дека се разочарале кога виделе дека претседателката не го употребила целосното и формално име Северна Македонија.
„Ќе следиме да видиме што ќе направи Владата и засега нема да зборуваме за какви било последици од ваквиот чин. Истовремено ги охрабруваме лидерите на Северна Македонија да се придржуваат до меѓународните договори“, порача Ален.
Фиљана Кока
