ДСЗИ повторно ќе врши вонредна контрола на Токсикологија
Државниот санитарен и здравствен инспекторат, на вонредна контрола во Токсикологија. Категорични се – не смее да има вработување на поранешни договорци, само со потпис на еден директор. Инспекторите на два наврати утврдија низа неправилности, издадени беа решенија со мерки, но не беа испочитувани …

Државниот санитарен и здравствен инспекторат третпат ќе врши вонредна контрола на Клиниката за токсикологија, откако во оваа здравствена установа се вработени договорците, само со потпис на организациската директорка Бесија Иљази. Од Инспекторатот се категорични дека не смее да има вработување само со потпис на еден директор, а за дел од нив, веќе констатирале дека немаат соодветно образование.
Станува збор за административно – технички кадар, но има и медицински лица, меѓу нив е и болничарот кој јавно призна дека прашал, дали може урината со наркотици да ја замени со чист примерок. Отворено останува и прашањето – дали министерот за здравство Демири постапил законски, бидејќи во изборен процес го разреши медицинскиот директор Петровски додека бил на годишен одмор. И покрај реакциите од вработени дека немаат комуникација со организациската директорка, која ја посочуваат за одговорна за хаосот на Клиниката, Демири не ја разреши Бесија Иљази, туку само медицинскиот директор со образложение дека несовесно работел и омаловажувал вработени по етничка основа.
Андријана Ѓурческа
