Промовирани нови 30 наслови од едицијата „Ѕвезди на светската книжевност“

25.06.2014 16:07

Нови 30 наслови од едицијата „Ѕвезди на светската книжевност“. Едицијата предвидува објавување на 560 дела од светската книжевност...

Новите книги од едицијата „Ѕвезди на светската книжевност“ кои ги промовираме ќе го однесат читателот на патување низ меридијаните на светската книжевност, низ времето и просторот и низ универзалноста на проблемите на обичниот човек каде и да е. Ова го истакна министерката за култура, Елизабета Канческа- Милевска на промоцијата на 30– те нови наслови од едицијата „Ѕвезди на светската книжевност“.

„Во изминатиот период промовиравме вкупно 300 дела од оваа скапоцена едиција која на македонските читатели им ги доближи светските книжевни вредности кои имаат цивилизациска вредност“, нагласки Канческа- Милевска.

Претседателот на стручната редакција на едицијата, академик Митко Маџунков, оваа промоција ја посвети на преведувачите, особено младите.

„Младите се гордоста на оваа едиција, а штом тие ги прифатија високите критериуми нашата преведувачка иднина е загарантирана зошто тие никогаш повеќе нема да се откажат од благородниот натпревар со самите себе“, рече Манџунков.

Примената на традиционалната транскрипција Маџунков ја наведе како втора важна придобивка од овој проект.

Едицијата „Ѕвезди на светската книжевност“ предвидува објавување на 560 дела од светската книжевна ризница.

 

Aна Јосифоска- Тодоровска