Не стивнуваат реакциите по барањата за апсење за Нетанјаху и лидерите на Хамас
Не стивнуваат реакциите откако главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд побара налози за апсење на израелскиот премиер Нетанјаху, министерот за одбрана Галант, како и тројца лидери на Хамас...

Не стивнуваат реакциите откако главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд побара налози за апсење на израелскиот премиер Нетанјаху, министерот за одбрана Галант, како и тројца лидери на Хамас. Обвинувањата за воени злосторства и злосторства против човештвото поврзани со војната во Газа, од Вашингтон оценети како срамни. Од Белата Куќа со став, не може да се прави споредба на Израел со Хамас.
„Знам дека сите сте ја виделе изјавата на претседателот за барањето на обвинителот на Меѓународниот кривичен суд за налози за апсење против израелските лидери. Како што рече претседателот, тоа е срамота. Воопшто не треба да се прави споредба по она што го направи Хамас на 7 октомври. Тие треба да сносат одговорност“, изјави Џон Кирби, портпарол на Советот за национална безбедност
Израелскиот премиер го осуди потегот на обвинителот. Според Нетанјаху, барањето за негово апсење е напад врз израелската војска и Израел. Во меѓувреме, хуманитарните агенции на ООН предупредуваат на дополнително страдање во Газа додека операциите на израелската одбрана во Рафах се интензивираат.
