Израел

Нетанјаху: Барањето за апсење е напад врз израелската војска и Израел

21.05.2024 09:12

Реакции по барањето на главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд за апсење на израелскиот премиер Нетанјаху, министерот за одбрана и тројца лидери на Хамас. Не може да се прави споредба на Израел со милитантната група, став на Белата куќа. И Нетанјаху го осуди потегот на обвинителот...

Не стивнуваат реакциите откако главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд побара налози за апсење на израелскиот премиер Нетанјаху, министерот за одбрана Галант, како и тројца лидери на Хамас. Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Борел вели дека судот во Хаг, како независна меѓународна институција има мандат да ги процесуира најтешките злосторства, а државите се обврзани да ги спроведуваат судските одлуки. Обвинувањата за воени злосторства и злосторства против човештвото поврзани со војната во Газа, од Вашингтон оценети како срамни.

„Ние ја отфрламе апликацијата на Меѓународниот кривичен суд за налози за апсење против Израел. Што и да имплицираат овие налози, не постои еквивалентност меѓу Израел и Хамас. И јасно е, ние мора да направиме сè што можеме за да обезбедиме цивилна заштита“, изјави Џо Бајден, претседател на САД.

Израелскиот премиер вели дека барањето за негово апсење е напад врз израелската војска и Израел. Од Хамас пак, велат дека одлуката на обвинителот го охрабрува Израел да продолжи со војната за истребување. Сепак, Израел не е член на судот, па дури и да бидат издадени налози за апсење, Нетанјаху и Галант не се соочуваат со непосреден ризик од кривично гонење.

„Израел води праведна војна против Хамас. Ниту еден притисок и ниту една одлука на кој било меѓународен форум нема да го спречи Израел да се брани од оние што сакаат да не уништат“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

Во меѓувреме, хуманитарните агенции на ООН предупредуваат на дополнително страдање во Газа додека операциите на израелската одбрана во Рафах се интензивираат.

„Длабоко сум загрижен дека сегашната траекторија, вклучително и можноста за операции од поголем обем, дополнително ќе ги поткопа напорите за зголемување на влезот на хуманитарни стоки и нивната безбедна дистрибуција до очајните цивили“, изјави Тор Венесланд, специјален координатор за блискоисточниот мировен процес.

„Во изминатите две недели, повеќе од 800.000 луѓе беа раселени од Рафах во други делови, други области на Газа во потрага по безбедност. Конфликтот продолжува, а животот на цивилите е загрозен“, изјави Едем Восорну, директор на Одделот за операции и застапување на OCHA.

Вчера, пред зградата на Кнесетот во Ерусалим се собраа илјадници антивладини демонстранти. Бараат избори и ослободување на заложниците. Се претпоставува дека Хамас држи над сто луѓе по нападот од 7 октомври кога беа киднапирани 252 лица, главно цивили.

 

Маријана Димовска