Пониска камата за „Купи куќа купи стан“, „Слободен четврток“ за студентите, поволности за пензионерите

25.06.2014 16:45

Новите мерки ќе придонесат за подобрување на позицијата на граѓаните и позитивно ќе влијаат на задоволување на нивните потреби и интереси, нагласи премиерот Груевски по денешната седница на Владата...

Подобрување на условите за проектот „Купи куќа купи стан“ преку намалување на каматните стапки, реализација на проект „Слободен четврток“ со бесплатни влезници во државните културни установи и на жичарницата за превоз до Милениумскиот крст секој четврток, бесплатен превоз во железницата еднаш месечно за повозрасните лица и за младите до 27 години, се новините со најновите усвоени владини мерки што ги соопшти премиерот Никола Груевски по денешната седница на Владата, кои првенствено се од интерес младата популација, младите брачни парови и пензионерите.

Груевски информираше дека Владата усвоила измени на Законот за субвенцинирање станбен кредит со кој се намалуваат каматните стапки за субвенционираниот станбен кредит за граѓаните од 4,99 проценти на 3,95 проценти за првите три години од отплатата на кредитот и од 5,5 проценти на 4,44 проценти за четвртата и петата година, за моделот кај кој се субвенционира дел од месечниот ануитет.

„Со измените месечната рата за граѓаните ќе се намали за околу 1.800 евра за првите пет години од отплатата на кредитот, за кредит од 50.000 евра за купување стан односно изградба или купување куќа. Со комерцијалните кредити граѓаните при аплицирањето за субвенциониран станбен кредит ќе остварат каматни заштеди од две илјади до три илјади евра“, рече Груевски истакнувајќи дека трошоците за намалување на каматните стапки ќе се надоместат од државниот Буџет.

Исто така, со измените се зголеми прагот на максималните месечни приходи, кој е еден од условите за добивање субвенција и тоа од 900 на 1.300 евра за лицата кои се во брачна заедница додека за лицата кои не се во брачна заедница остана прагот од 9.090 евра.

Проектот „Слободен четврток“, им овозможува студентите секој четврток да ги посетуваат програмите на културните установи, опери, балети, концерти, изложби, без никаков надомест. Слободниот влез на културните настани се однесува на содржини во продукција на државните културни установи. Воедно со проектот е предвидено студентите секој четврток да имаат и слободен пристап на жичарницата до Милениумскиот крст, односно бесплатен превоз во тој ден.

„Целта е културните добра да станат достапни до младата публика со цел градење, јакнење на културните навики кај младата популација, градење квалитетна и едуцирана публика и секако масовна посета на културните содржини во Република Македонија“, рече Груевски.

Според  одлуката од денешната седница на Владата, бесплатен железнички превоз еднаш месечно, вториот викенд во месецот,  ќе можат да користат повозрасните лица, жени над 62 години и мажи над 64 години. Младите лица, пак, до 27 години, ќе може бесплатно да се возат третиот викенд во месецот, односно еднаш месечно. Учениците и студентите ќе добијат попуст од 50 проценти на картата за железничкиот превоз, а студентите пак секој четврток целосно бесплатно патување.