Тајван

Нови предизвици на релација Тајван-Кина

21.05.2024 12:09

Кинеската политика на реунификација со Тајван е постојана и особено се засили по изборот на новиот тајвански шеф на државата. Вилијам Лаи најави нови, зголемени претседателски и парламентарни овластувања кои се противат на ставот на Пекинг за една Кина. Обете страни на Тајванскиот мореуз припаѓаат на Народна Република Кина, порачаа во кинеското Министерство за надворешни работи. Во парламентот во Тајпеј, власта и опозицијата разменија високи тонови поради измените на законодавството предложени од претседателот на Тајван...

Нов претседател и нови политички и безбедносни предизвици во Јужното Кинеско Море, во мореузот на Тајван. Лаи Чинг-те, познат и Вилијам Лаи, веднаш по инаугурацијата ја повика Народна Република Кина да го почитува изборот на народот на Тајван. На назначувањето на претседателот следеше воена парада.

„Се надевам дека Кина ќе се соочи со реалноста на постоењето на Република Кина, ќе го почитува изборот на народот на Тајван, со добра волја, да го избере дијалогот наместо конфронтацијата, размена пред притисок, според принципите на еднаквост и достоинство, да соработува со законската влада избрана од народот на Тајван“, изјави Лаи Чинг-те претседател на Тајван.

Официјален Пекинг не отстапува од политиката на една Кина, итно реагираа на изјавата на Лаи.

„Во светот има само една Кина, Тајван е апсолутен дел од кинеската територија и владата на Народна Република Кина е единствен владин претставник на цела Кина. Без разлика како се менува политичката состојба на островот, нема да го смени историскиот и правен факт дека обете страни на Тајванскиот теснец припаѓаат единствено на Кина. Ова е матрица која ја следи и меѓународната заедница и историски тренд за повторното обединување кое ќе биде неминовно“, изјави Ванг Венбин портпарол на Министерството за надворешни на Кина.

Пекинг предупреди одредени држави за злоупотребата на Тајван во меѓународната политика, укажувајќи на сеопфатните мерки кои ќе се преземат за да се запре политиката на независноста на островот. Политичката состојба зоврива и во Тајпеј, во парламентот опозицијата го нарече Лаи, мандарин, асоцирајќи на времето на преткомунистичка Кина и на Чанг Кај Шек. Бараат реформи и се спротивставуваат на ставот на владејачкото десноориентирано мнозинство, претседателот да се обраќа пред законодавниот дом. 23-милионскиот и непризнаен Тајван во светот има само 12 сојузници, најсилниот е Вашингтон, поради морските патишта во теснецот и дипломатските односи со Пекинг.

 

Зоран Богатинов