Земјоделци од струмичко на блокади заради ниски откупни цени
Производителите на компир од струмичките населени места Иловица и Штука го блокираа патот до нивните места заради ниските откупни цени. Тврдат дека побарувачка за компир има, а трговците секојдневно ги намалуваат цени...

Со трактори и земјоделска механизација, земјоделците од Иловица и Штука струмичко го блокираа патот кон овие населени места во знак на револт заради ниската откупна цена на младиот компир. Тој се откупува по цена од 15 денари, што за Владо Малинов од Штука е неприфатлива. Според него, подобро компирот да скапува нивата отколку да се мачи да го носи на откуп.
Земјоделците се гневни. Сметаат дека власта дозволува откупувачите и трговците да си играат со нивна мака, бидејќи секојдневно цената се менува. Најавија дека нема да пропуштаат камиони до откупните пунктови во овие села.
Ова не е првпат да реагираат раноградинарите од овие населени места. Тие изминативе години знаеја директно да ги блокираат откупните пунктови, барајќи повисоки цени.
Ване Трајков
