Фондацијата Амбер Алерт Европа

МВР со кампања „Проверете. Размислете. Пријавете.“

21.05.2024 13:50

„Проверете. Размислете. Пријавете.“ Е насловот на кампањата која ќе биде активна во 16 држави на 14 јазици по повод Меѓународниот ден на исчезнати деца. Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија во почетокот на 2024 година потпиша Меморандум за разбирање со фондацијата Амбер Алерт Европа и со тоа нашата држава е дел од ова кампања и систем за случаи поврзани со исчезнати деца...

300.000 деца исчезнуваат годишно во Европа. Нивните семејства доживуваат трауми и болка и најважно е тогаш да бидат информирани точно какви чекори да преземат. Основачот на Амберт Алерт Европа, Френк Хоен вели дека кампањата, „Проверете. Размислете. Пријавете“ е клучна пресвртница.

„Со обезбедување на родителите со знаење и ресурси што им се потребни, имаме за цел да го подобриме времето на одговор и да ги зголемиме шансите за безбедно и брзо обединување помеѓу исчезнатите деца и нивните најблиски“, изјави Френк Хоен.

На кампањата на европскиот центар за исчезнати се приклучи и земјава.

„Името на кампањата го дефинира нејзиниот основен совет: „Проверете“ за да го потврдите отсуството на детето. „Размислете“ за да се потсетите на најважните детали и да ја процените ситуацијата и „Пријавете“ за да ги алармирате надлежните итно“, појаснуваат од МВР.

Системот за рано предупредување за исчезнати лица „Најди ме“ беше активиран по исчезнувањето на малолетната Вања, која за жал беше пронајдена мртва. Во соседна Србија тој за првпат се активира со исчезнувањето на малата Данка, која сè уште не е пронајдена. Во Австрија и Германија овие системи се речиси стопроцентна успешност.

Во Германија искуството покажува дека околу 50% од случаите на исчезнати лица се решаваат уште во првата недела. Слична е успешноста и во Австрија.

Кампањата ќе биде споделена 16 земји на 14 јазици.

 

Фиљана Кока