Првиот смарт-бојлер во светот е од македонско производство
За Стопанската комора овој иновативен производ е потврда дека домашните производители имаат капацитет да се натпреваруваат со странските компании...

Mобилен телефон наместо вас ќе го управува семејниот бојлер. Овој македонски изум на велешката комапнија „Леов компани“ функционира преку апликација која е бесплатна и може да се превземе од интернет. Заштедата на електричната енергија до 40 проценти е втората значајна компонента.
„Не треба физички никој да биде присутен дома да го уклучи бојлерот туку тоа може да се направи преку смарт уред односно телефон таблет и така натаму“, рече Златко Леов, сопственик на компанијата која го произведува овој паметен бојлер.
За Стопанската комора овој иновативен производ е потврда дека домашните производители имаат капацитет да се натпреваруваат со странските компании.
„Имаме многу македонски компаниии кои што внесувајќи иновативност ја смалуваат цената и ја зголемуваат цената на своите производи, и со тоа ќе се зголемува нашиот извоз, а ние како мала економија немаме друг избор освен да го зголемуваме извозот“, рече Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија.
Wi-fi бојлерот на „Леов компани“ за две недели ќе има своја промоција на американскиот пазар. Компанијата постои 30 години и досега има произведено седум милиони бојлери. Извезува во 25 земји.
Дијана Иванова
