Македонија

Кои се Георгиев и Мемети, осомничени за кривично дело примање награда за противзаконито влијание?

21.05.2024 14:41

Судскиот совет на синоќешната вонредна седница му го одзеде судскиот имунитет на врховниот судија Наке Георгиев од Струмица, кој беше уапсен со 10.000 евра под сомнение дека вршел кривично дело „примање награда за противзаконито влијание“. Георгиев е уапсен вчера. Но, истрагата продолжи и со претрес во домот на член на Советот на јавни обвинители, Иџет Мемети во Тетово, како и во канцеларијата на Советот.

Георгиев од врховен судија кој дели правда, сега осомничен за кривично дело примање награда за противзаконито влијание. Фатен на дело со бележани пари. Веќе е без имунитет и оддалечен од функцијата.

Лани поминал несанкционирано низ „филтерот“ на Судскиот совет, дури и стана негов член на 13-ти јули. По две недели од изборот, наместо заклетва си даде оставка во Советот, зашто на ист ден имаше избор на судии, а меѓу кандидатите беше неговиот син.

Пред да биде избран за врховен судија, Георгиев беше претседател на Апелациониот суд Штип. Во тоа време за него имало претставка до Судскиот совет, како и за уште двајца судии од истиот суд. Членовите на Судски ги разрешија другите, но претставката за Георгиев половина година не беше ставена на дневен ред. Се најде на масата дури откако тој се кандидираше за член на Судскиот совет, по што постапката против него беше запрена.

Пред законот, заедно со Георгиев, според Обвинителството се огрешил и некогашниот Народен правобранител во два мандата, Мемети. Но, според досегашните докази, за него не се бара притвор. Во неговата кариера во два наврати ја извршуваше функцијата министер за правда.

Од мај до ноември 2003-та година работел како судија во Уставен суд. Мемети беше и член на Државната комисија за избирачки списоци во Собранието, член на Координативно тело на Владата за справување со кризата во 2001 година, а беше и член на Правниот совет на Владата.

Наташа Гркова-Петрушевска