Триесетдневен притвор за врховниот судија Георгиев
Триесетдневен притвор му е одреден на врховниот судија Наке Георгиев кој е осомничен за примање на поткуп. Пред судија на претходна постапка се бранел со молчење. Мерка претпазливост за второосомничениот, поранешен народен правобранител...

По два часа распит во Кривичниот суд врховниот судија Наке Георгиев е спроведен во 30 дневен притвор. Се товари за примање мито во висина од десет илјади евра. Беше фатен на дело со бележани пари. Судија на претходна постапка утврдил дека може да ја попречи кривичната постапка со влијание врз сведоците. Се бранел со молчење, а неговиот адвокат Александар Тумановски вели дека целиот случај е наместен и најави жалба против одлуката. Поради тоа што истрагата е во тек адвокатот не соопштува повеќе детали.
Според обвинението осомничениот побарал пари од син на поранешен градоначалник кој е во притвор за да влијае во судски процес. Судскиот совет на Георгиев ми го одзема имунитетот, тој повеќе не може да ја извршува функцијата врховен судија. Од Кривичниот суд велат по одредувањето на мерката притвор побарале од Апелациониот суд, судија во кривичен кој е член на потесното семејство на Наке Георгиев да биде времено делегиран да постапува во друг суд. Добиле решение според кое не постојат законски пречки судија на претходна постапка да постапува по предлогот на обвинителството.
Во случајот второосомничен е и поранешен народен правобранител и актуелен член на Советот на јавни обвинители. За него Обвинителството нема доволно докази и бара мерка на претпазливост.
Андријана Ѓурческа
