Украина

Жестоки борби на украинскиот фронт

22.05.2024 09:47

Руската војска почна вежби за употреба на тактичко нуклеарно оружје во близина на границата со Украина. Вежбите се одговор на западните закани. Жестоки борби се водат во Харков и Доњецк. На земјата и се потребни системи за противвоздушна одбрана, вели Зеленски. ЕУ усвои план за користење на добивката од руски замрзнати средства за инвестирање во одбраната на Украина...

Русија почна вежби за употреба на тактичко нуклеарно оружје, како одговор на западните закани. Маневрите се одвиваат во Јужниот воен округ, кој се наоѓа во близина на Украина и ги опфаќа украинските области анектирани од Москва. На фронтот во Украина жестоки битки. Најтешка е состојбата во Харков и Доњецк. Регистрирани напади со беспилотни летала и во руски Белгород.

„Ситуацијата во Доњецк – Краматорск останува исклучително тешка, таму се одвива најголемиот дел од борбите. Во регионот Харков, нашите сили го уништуваат окупаторот, а резултатите се видливи“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Поради нападите врз електродистрибутивната мрежа, Киев се соочува со постојани прекини во снабдувањето со струја. Властите апелираат земјата да се подготви за зимата, да се набават резервни делови за старите постројки од советската ера и повеќе системи за воздушна одбрана.

„Нападите нема да завршат, а доколку добиеме дополнителни удари кои негативно ќе се одразат на електроенергетскиот систем, ќе биде многу тешко. Затоа, потребно е да се подготвиме“, изјави Херман Халушченко, министер за енергетика на Украина.

Испраќањето системи за противвоздушна одбрана во Украина е приоритет, вели шефицата на германското МНР.

„Најдобрата заштита од рускиот ракетен терор е зајакнувањето на украинската воздушна одбрана, така што ова е апсолутен приоритет за нас во овој момент. Упатуваме итен апел до нашите меѓународни партнери да обезбедат дополнителни системи. Секое колебање во поддршката на Украина чини живот на невини луѓе“, изјави Аналена Баербок, министер за надворешни работи на Германија.

Земјите членки на ЕУ усвоија план за користење на добивката од руски замрзнати средства за инвестирање во одбраната на Украина.

„Европскиот совет ќе разговара за начините на кои Европската Унија може да ја зајакне поддршката за одбраната на Украина и во однос на постигнување напредок во реконструкцијата. Првата исплата ќе биде извршена во јули кога ќе ги знаеме потребите на Украина“, изјави Хаџа Лахбиб, министер за надворешни работи на Белгија.

Европската унија не го доведува во прашање легитимитетот на Зеленски и покрај тоа што неговиот претседателски мандат истече, објави Брисел.

 

Маријана Димовска