Бесплатно во воз, пониска камата за „Купи куќа – купи стан“
Владата на третата седница донесе поширок сет мерки...
Паѓаат каматните стапки за проектот „Купи куќа – купи стан“. Од 4,99 на 3,95 проценти за првите три години од отплатата на кредитот, и од 5,5 на 4,44 отсто за четвртата и петтата година. Разликата меѓу висината на каматните стапки ќе се покрие од државниот Буџет.
„Со овие измени, месечната рата за граѓаните ќе се намали за околу 1.800 евра, вкупно, за првите пет години од отплатата на кредитот, за кредит од 50 илјади евра за купување стан или за изградба на куќа. Во однос на комерцијалните кредити, граѓаните кои ќе аплицираат за субвенциониран станбен кредит ќе остварат каматни заштеди од 2.000 до 3.000 евра“, изјави Никола Груевски, претседател на Владата на Р. Македонија.
Претходно, во рамките на овој проект, се донесоа неколку измени со цел олеснување на условите. Се подигна границата за вкупните приходи на брачните другари, од 900 на 1.300 евра, со цел проектот да стане подостапен за поголем број граѓани, а дополнително, во проектот можат да учествуваат и луѓето на кои во наследство им е оставен дел од куќа или стан.
Владата на третата седница донесе поширок сет мерки. Пензионерите секој втор викенд од месецот бесплатно ќе патуваат со воз, младите до 27 години го добиваат третиот викенд, двојно поевтинува цената на билетот за учениците и студентите, а дополнително, студентите секој четврток бесплатно ќе се возат со воз.
„Цениме дека овие нови мерки ќе ја подобрат позицијата на граѓаните и позитивно ќе влијат на задоволување на нивните потреби и интереси. Владата и во иднина ќе продолжи интензивно да ги реализира ветувањата и проектите од програмата, а кои се во интерес на граѓаните“, изјави Никола Груевски, претседател на Владата на Р. Македонија.
Дополнително, студентите секој четврток ќе можат бесплатно да одат во театар, на опера, балет или изложба, како и бесплатно да се возат на скопската жичница.
Мартин Пушевски
