Најубавите македонски љубовни стихови на едно место
Ова е најобемниот тематски избор од современата македонска поезија објавен досега. Изданието се објавува во годината кога чествуваме 90 години од раѓањето на Петре М. Андреевски...
Книгоиздавателството „Матица македонска“ ја објави книгата „Македонска љубовна лирика“ приредена од Весна Мојсова-Чепишевска и Иван Антоновски. На близу 500 страници, со 342 песни од македонски поети од сите генерации, во петте циклуси на книгата, од копнеж до ерос е и можниот одговор на прашањето како се љуби на/со македонски јазик и на македонски начин.
Ова е најобемниот тематски избор од современата македонска поезија објавен досега. Изданието се објавува во годината кога чествуваме 90 години од раѓањето на Петре М. Андреевски, авторот на „Дениција“ - стихозбирката којашто македонската книжевна критика ја означи како химна на космичката љубов, химна на жената и татковината и златна книга на македонскиот модернизам.
„Силна е потребата и решеноста да се приреди овој избор. Затоа што ритамот на таа химна непрекинато пулсира во македонското срце и во македонската поетска реч и во сиот период потоа, до денес. Оттука, чувствуваме не само потреба, туку и обврска да го синтентизираме она што е конкретна потврда на тој ритам. Како прилог и кон вреднувањето на современата македонска поезија, и кон согледувањето на книжевната традиција во којашто „ништо не е повидливо / и ништо не е поприсутно од твоето отсуство“, а љубењето е калемење „светлина на мракот“ и топење „снегови фатени во движење“. Затоа што македонскиот поет е и „единствен сведок / за бакнежот меѓу металот и громот“, како што меѓу другото е нагласено во предговорот на Мојсова-Чепишевска и Антоновски.
Оваа книга нуди досега единствен ваков приказ и на самата македонска современа поезија, создадена, односно објавена во периодот од завршувањето на Втората светска војна до денес – поразличен од оние што беа понудени досега.
