Русија почна вежби со тактичко нуклеарно оружје
Руската војска почна вежби за употреба на тактичко нуклеарно оружје, за кои што велат дека се одговор на западните закани. Жестоки борби се водат во Харков и Доњацк. На земјата и се потребни системи за противвоздушна одбрана, вели Зеленски. ЕУ усвои план за користење на добивката од руски замрзнати средства за инвестирање во одбраната на Украина.

Русија почна вежби за употреба на тактичко нуклеарно оружје, за кои што велат дека се одговор на западните закани. Маневрите се одвиваат во Јужниот воен округ, кој се наоѓа во близина на Украина и ги опфаќа украинските области анектирани од Москва. На фронтот жестоки битки. Најтешка е состојбата во Харков и Доњацк. Регистрирани напади со беспилотни летала и во руски Белгород.
„Ситуацијата во Доњецк – Краматорск останува исклучително тешка, таму се одвива најголемиот дел од борбите. Во регионот Харков – нашите сили го уништуваат окупаторот, а резултатите се видливи“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Украинските власти алармираат дека интензивните напади ја ослабнуваат критичната инфраструктура и итно се потребни повеќе системи за воздушна одбрана.
„Нападите нема да завршат, а доколку добиеме дополнителни удари кои негативно ќе се одразат на електроенергетскиот систем, ќе биде многу тешко. Затоа, потребно е да се подготвиме“, изјави Херман Халушченко, министер за енергетика на Украина.
Земјите-членки на ЕУ усвоија план за користење на добивката од руски замрзнати средства за инвестирање во одбраната на Украина. Вашингтон го поддржува користењето на профитот и нагласува дека Г7 мора да покаже обединет фронт.
„Важно е Г7 да работи заедно и да покаже дека можеме да генерираме значајни ресурси за поддршка на Украина во следните неколку години. И додека Америка стои зад Украина и очекувам Конгресот, доколку е потребно, да ги усвои идните пакети, Киев има значителни потреби кои треба да се решат надвор од финансиските пакети“, изјави Џенет Јелен, министер за финансии на САД.
Европската унија не го доведува во прашање легитимитетот на Зеленски и покрај тоа што неговиот претседателски мандат истече, објави Брисел.
Маријана Димовска
