Продолжуваат реакциите на меѓународната заедница за почитување на Преспанскиот договор
По инаугурацијата на новата претседателка постојано стигнуваат пораки од Грција и од меѓународната заедница за целосно почитување на Преспанскиот договор...

Македонија ќе продолжи по европскиот пат, вакво уверување добивме од раководството на партијата која победи на изборите, вели заменик-помошникот секретар на САД во заминување и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар. Во интервју за Европскиот центар на Атлантскиот совет потенцира дека по инаугурацијата на новата претседателка меѓународната заедница упати јасна порака за целосно почитување на преспанскиот договор.
„Европа и САД многу јасно му го кажаа нашиот став на претседателот по инаугурацијата, дека очекуваме оти Северна Македонија ќе продолжи по својот европски пат, ќе се посвети, ќе продолжи да биде посветена членка на НАТО и, верувајте ми, тие се посветена членка на НАТО. Добивме уверување од раководството на главната партија која победи на изборите дека ќе останат посветени на европскиот пат“, изјави Габриел Ескобар, заменик-помошник секретар на САД во заминување.
Предизборниот период заврши, дојдено е време нашите пријатели од Северна Македонија веќе да станат сериозни, да го почитуваат меѓународниот договор, доколку ги интересира да останат на европскиот пат, порача грчкиот премиер. Мицотакис истакна дека имало несогласувања со многу негови аспекти, но дека по прашањето за името Грција нема да отстапи.
„Името на земјата е Северна Македонија и сè додека некои продолжуваат да ја именуваат Република Македонија, да знаете дека ќе бидеме наспроти нив. Постои можност за разговараме за иднината на договорот и тоа што можеме да го направиме е да извршиме голем притисок врз Скопје и врз власта, да сфатат дека оваа политика на крајот ќе ги одведе во меѓународна изолација и мислам дека не го сакаат тоа“, изјави Кирјакос Мицотакис, премиер на Грција.
За меморандумите што сè уште не се ратификувани, Мицотакис го повтори ставот дека на Грција ѝ се потребни дополнителни преговарачки оружја, а токму трите протоколи, според него, ја засилуваат грчката позиција и се дипломатско оружје.
Милчо Велески
