Македонија

Утре се очекува Мемети да биде повикан во Кривичниот суд

22.05.2024 14:28

Обвинителството за Мемети побара мерки на претпазливост. Се очекува утре да биде повикан да даде исказ пред судија на претходна постапка...

Се очекува утре членот на Советот на јавни обвинители, Иџет Мемети да биде повикан да даде исказ пред судија на претходна постапка во скопскиот Кривичен суд. Осомничен е за примање награда за противзаконито влијание. За него Обвинителството побара мерки на претпазливост. Од таму додаваат дека според доказите со кои располагаат, засега немало основа за построга мерка. Мемети пред членовите на Советот на јавните обвинители истакнал дека нема никаква вина.

„Истрагата продолжува“

„До овој момент доказите не даваат основи за да се предложи најстрога мерка за обезбедување. Истрагата продолжува до целосна проверка на сите околности и наводи“, се вели во соопштението на Обвинителството за гонење организиран криминал.

Судија на претходна постапка му одреди 30 дневен притвор на врховниот судија Наке Георгиев. Тој беше затекнат како зема мито за олеснување на постапката што ја води против поранешен градоначалник. Се бранеше со молчење.

Георгиев лани поминал несанкционирано низ „филтерот“ на Судскиот совет, дури и стана негов член, но наместо заклетва, даде оставка бидејќи истиот ден неговиот син беше кандидат за избор на судија. Претставката ја заработи како претседател на штипска Апелација. По приведувањето на Георгиев, Судскиот совет експресно му го одзеде имунитетот.

Претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми на седница ги информирала врховните судии во врска со започната кривична постапка против нивниот колега Наке Георгиев.

Пред судиите таа посочила дека основни заложби на највисоката судска инстанца во државава е владеење на правото, независно и ефикасно судство, ослободено од какви било влијанија и ефикасна борба против корупцијата.

 

Марина Стојанова-Тонева