Куманово: Штети по невремето, но и градот без вода
Невремето коешто го зафати североистокот уништи земјоделски површини, оштети автомобили, но предизвика и проблеми со водоснабдувањето во Куманово. Во најголемата општина во земјава поголемиот дел од градот во моментов е без вода.

Уништени покриви, земјоделски насади, автомобили. Поплавени подруми, одрони кон села, излеана Крива Река, е сликата по големото невреме коешто го зафати североистокот. Мештаните на липковско, кумановско и Старо Нагоричане, раскажуваат дека големината на град била како лешник и орев.
„Големо беше невремето, од град се беше бело. Лозјето, кромид, компири се е уништено. Траеше еден час. Кога дојдов овде пред 40 години имаше вакво невреме и сега повторно“, изјави Анкица Трајковска, жител на с. Младо Нагоричане.
Но, невремето предизвика и проблеми со водоснабдувањето во Куманово. Во моментов поголем дел од градот е без вода. Утринава во Филтер станицата пристигнала голема количина на заматена вода. Водата го нарушила процесот на прочистување, по што е насочена кон канализационата мрежа. Се пречистува минимален дел кој е неопходен за работа на фабриката. Апелот е кумановци да не консумираат вода, додека не се обработи анализа.
„Дел од кумановци веќе немаат вода, резервите на градот се за неколку часа. Така е принципот на водоснабдување, додека еден дел за кој количините одат од Митев мост и Бедиње се кон градот, но тоа не е доволно“, вели Тони Јовчевски, раководител на Филтер станица Куманово.
Во моментов само една четвртина од кумановци имаат нормално водоснабдување.
Апелот на надлежните е на локациите каде што има вода, потрошувачката да се сведе на минимум.
Од Водостопанство информираат дека водата во браната Липково започнува да се стабилизира. Веќе до станицата пристига вода со мала заматеност над дозволеното. Но каква ќе биде состојбата по невремето коешто е најавено за вечерва, е непознато. Состанок поради новонастанатата состојба одржа и кризниот штаб.
Елена Георгиевска
