Орбан: Македонија да ги почне преговорите за членство во ЕУ и НАТО

26.06.2014 12:00

Според него, како и според ставот на Унгарија, постоечката дебата за името со Грција не може да биде пречка за почнување на преговорите со Македонија за членство во ЕУ и покана за НАТО...

Што побрзо почнување на преговорите за членство на Македонија во Евроспката Унија и НАТО, беше пораката која вчера ја упати Виктор Орбан од Унгарскиот Парламент, Тој вчера ја прими наградата „Гоце Делчев“ што ја доделува Обединетата Македонска Дијаспора.

Според него, како и според ставот на Унгарија, постоечката дебата за името со Грција не може да биде пречка за почнување на преговорите со Македонија за членство во ЕУ и покана за НАТО.

-Македонија се посвети на членството во ЕУ и НАТО, се подготви, ги заврши сите потребни задачи. Затоа неразбирливо е зошто Унијата и Северно-атлантскиот сојуз "гради" еден таков долг кон балканската држава, што и покрај тоа што признава, дека Македонија е подготвена за приклучување, сепак не ги почнува преговорите со неа.

Премиерот во својот говор потсетил, дека и покрај тоа што со децении македонците и унгарците живееле во различен комунистички систем, сепак  македонците страдаат од исти работи како и унгарците, како на пример недостаток на слобода, запоставување на националната култура и немање на право на слободно движење.

Примајќи ја наградата Орбан истакнал дека ја смета за  признание за цела Унгарија од страна на македонскиот народ.

Претседателот на ОМД, Мето Коловски на церемонијата за врачување на наградата рекол дека со неа се одава признание на ангажманот на Виктор Орбан за поддршка на напорите на Македонија за интеграција, како и неговата работа на планот на зацврстување на унгарско-македонските односи, особено на економско поле.

-Одлучни и добри пријатели сме и на Унгарија, нагласил Колоски.

Како што соопштија од ОМД, на свеченоста, по полчасниот состанок со премиерот Орбан, присуствуваа и  Елизабет Наумовски член на Советот на ОМД, како и Илјаз Фета вршителот на должност во Амбасадата на Македонија во Будимпешта.