Кој ќе биде претседател на Европската комисија?

26.06.2014 12:04

Британскиот премиер Дејвид Камерон единствен отворено се изјасни дека не го поддржува назначувањето на Јункер на важната функција...

Велика Британија по се изгледа ќе остане изолирана против сите останати земји-членки на ЕУ, кои го поддржуваат поранешниот луксембуршки премиер Жан Клод-Јункер за нов прв човек на Европската комисија.

Британскиот премиер Дејвид Камерон единствен отворено се изјасни дека не го поддржува назначувањето на Јункер на важната функција.

Но, за ваквиот став има се помалку приврзаници меѓу своите колеги од останатите европски земји. Последна поддршка на Јункер му даде и Шведска.

„Доколку Жан-Клод Јункер успее да собере мнозинство од шефовите на држави или влади и едновремено добие поддршка од страна на Европскиот парламент, тогаш ќе можеме да констатираме дека правилата на Лисабонскиот договор биле почитувани и тогаш нашата Влада би била подготвена, и Шведска да се приклучи кон таквото мнозинство“, рече шведскиот премиер Фредрик Рајнфелд во пресрет на денешниот ЕУ-самит во Брисел.

И Данска, каде што владината коалиција ја предводат социјалдемократите, го поддржува Јункер.

„Тој е одлична личност за да ги унапреди и поддржи данските интереси“, рече вчера данската премиерка Хеле Торнинг-Шмит.

Германската канцеларка Ангела Меркел на почетокот се двоумеше, но потоа исто така застана зад Јункер. Сепак таа смета дека на Британците треба да им се излезе во пресрет со други персонални решенија.

„Тоа не значи дека можат да се задоволат сите желби, но сепак може да се размисли, што е на друга страна исто така важно за Британците“, рече Меркел.

Но, Камерон во Велика Британија има широка поддршка и од власта и од опозицијата во спротивставувањето на изборот на Јункер за наследник на Жозе Мануел Баросо, што ги прави неговите ставови уште поригидни. Како резултат на ова, британскиот премиер дури и се закани дека неговата земја ќе ја напушти Унијата ако Јункер биде избран. Ова се очекува да предизвика жестока расправа на денешниот европски самит во Брисел.