Израел

Нетанјаху: Признавањето на палестинската држава е награда за тероризмот

23.05.2024 11:56

Израел спроведува ограничени операции во Рафах, уверува Вашингтон. Според Белата куќа преговорите се единствен начин со кој ќе се постигне решение за две држави. Објавена видео-снимка од киднапирање на жени-војници од страна на Хамас на 7-ми октомври.

Седуммесечната војна меѓу Израел и Хамас во Појасот Газа, предизвикана од терористички напад на израелска територија на 7-ми октомври, ги обнови повиците за признавање на палестинска држава. Откако Норвешка, Ирска и Шпанија изјавија дека на 28-ми мај и официјално ќе ја признаат Палестина, од Вашингтон велат дека тоа воопшто нема да го приближи регионот до решение за две држави.

„Веруваме дека единствениот начин на кој ќе постигнете решение за две држави што ќе донесе и за Израелците и за Палестинците, е преку директни преговори меѓу страните. Тоа е она кон што се стремиме, и тоа е една поголема регионална стратегија“, изјави Џејк Саливан, советник за национална безбедност во Белата куќа.

Израел го отповикува амбасадорот во Шпанија, откако ги повлече амбасадорите во Ирска и Норвешка. Премиерот Нетанјаху вели дека признавањето на палестинската држава е награда за тероризмот. Израелската војска соопшти дека нејзините трупи во моментов дејствуваат во Газа, врз основа на информации за терористички цели. Завршена е дводневната операција на окупираниот Западен Брег.

„Згради, улици, инфраструктура, сето тоа беше уништено во кампот Џенин, а младинскиот социјален центар срушен по четврти или петти пат, покрај останатите институции кои работат во кампот“, изјави Абдул Џабар Шалаби, претседател на административниот одбор на младинскиот центар Џенин Камп.

Хуманитарните агенции постојано алармираат за состојбата во Рафах. Од Белата куќа уверуваат дека Израел спроведува ограничени операции. Израелскиот Форум на семејства на затвореници и исчезнати, објави видео од киднапирањето на израелски жени-војници за време на нападот на Хамас на 7-ми октомври.

„Прв пат го видов видеото, плачев, кон крајот чувствував гадење. Мислам дека секој што ќе го погледне ова видео ќе го разбере тоа чувство, особено како жена“, вели братучетка на заложничка.

Израел вели дека околу 100 луѓе сè уште се заробени во Газа од страна на Хамас, заедно со телата на уште околу 30 заложници.

 

Маријана Димовска