ООН

Генералното собрание на ОН денеска ќе гласа за резолуцијата за Денот на сеќавање на геноцидот во Сребреница

23.05.2024 11:58

Денеска Генералното собрание на Обединетите нации ќе гласа за Резолуцијата за геноцид во Сребреница. Во Србија денеска напладне ќе бијат камбаните во сите храмови и билборди со текст „Ние не сме геноциден народ“ …

Денеска Генералното собрание на ОН ќе гласа за резолуцијата со која 11-ти јули се прогласува за Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница и осуда на негирањето на геноцидот и глорификацијата на воените злосторници. Истовремено во Србија напладне по благослов на патријархот Порфириј ќе бијат камбаните во сите православни храмови, повикувајќи го „верниот народ на молитва, смиреност, меѓусебна солидарност и непоколебливост во правењето добро, и покрај целосно лажните и неправедни обвинувања на кои се изложени во ООН“.

Провладините медиуми ги пренесуваат пораките на претседателот Александар Вучиќ и делегацијата од Њујорк за дипломатската борба во докажувањето дека Србите не се геноциден народ.

Вучиќ во Њујорк синоќа ги повика членките на ООН да не гласаат за оваа Резолуција.

„Уште еднаш ве молам да ги разгледате своите ставови и своите позиции и своите одлуки, затоа што ова може да има влијание на многу работи во иднина, не само на регионот туку и на целиот свет“, изјави Александар Вучиќ, претседател на Србија.

Паралелно во Белград и градовите во Србија на билбордите е истакнат текстот „Ние не сме геноциден народ“- Горда Србија и Српска, а ист текст е поставен и на Кулата Белград. Истиот текст на своите социјални мрежи го имаат поставено речиси сите претставници на државниот врв.

Во Белград со став дека доколку помалку од 100 членки гласаат позитивно за Резолуцијата, тоа ќе биде успех за Србија, оти Кина, Русија, Индија и третина од светот ќе бидат против.

 

 

Оливер Бранковиќ