Вербални престрелки меѓу Пекинг и Тајпеј
Се усложнува состојбата во Јужното Кинеско Море, се засилуваат вербалните престрелки меѓу Пекинг и Тајпеј. Кина почна со воени вежби околу Тајван, најверојатно поради можноста, независноста на островот да биде меѓународно признаена по изборот на новиот тајвански претседател. Тајванците оценуваат- состојбата не е наивна, но е веќе видена.

По изјавите на новоизбраниот претседател Лаи за поголема независност на островот, Тајван е опколен од Кинеската народна армија. Во теснецот се армиските единици, морнарицата, воздухопловството и ракетните единици кои ја спроведуваат вежбата „Заеднички меч“ насочена против сепаратистичкиот чин на сецесионистите, испраќајќи силна порака до надворешното мешање во внатрешните работи на Кина, велат во Пекинг.
„Кинескиот народ нема да биде одвратен од одбраната на територијалниот интегритет, 1.4 милијарда Кинези ќе се спротивстават на сепаратистите од Тајван. Оние што ја бараат тајванската независност, ќе бидат уништени од историската намера за повторното обединување на Кина. Бараме од Соединетите Американски Држави да престанат со охрабрувањето на независноста на Тајван, во спротивно секоја опасност по нашиот интегритет и суверенитет ќе наиде на силен одговор од кинеска страна“, изјави Ванг Венбин- портпарол на Министерството за надворешни работи на Кина.
Состојбата поради планетарните геополитички турбуленции е далеку од наивна. На островот, Тајванците оценуваат: Пекинг реагира на најавите за одбрана на демократијата.
„Пораснав со ова и веќе не сум загрижен. Сите знаеме дека шансите на Кина да поведе војна против Тајван се многу мали. Но, секако се надеваме дека владите ќе комуницираат за да дојдат до решение или консензус“, вели Рики Чен, работник во тајванската железница.
„Со вежбите покажуваат мускули до нашите власти, нема врска со нас. Ако дојде до војна, треба да испланираме како да побегнеме оттука или како да се справиме, ќе видиме кога ќе се случи“, вели Кендис Чен, комерцијалистка.
Засилените вербални престрелки меѓу Тајпеј и Пекинг продолжуваат. Од кабинетот на Лаи оценија дека Кина со воените провокации, се заканува на регионалната стабилност и мир, по што Пекинг ја активираше зголемената борбена готовност во теснецот.
Зоран Богатинов
