Македонија

Водата во Куманово само за техничка употреба

23.05.2024 14:47

Невремето коешто го зафати североистокот предизвика проблеми со водоснабдувањето во Куманово. Градот во моментов има вода, но истата е само за техничка употреба. Апелот до граѓаните е да не ја консумираат за пиење.

Се стабилизира состојбата со водоснабдување во Куманово. Градот има вода, но само за техничка употреба. Намалена е заматеноста на липковската брана, но останува апелот кумановци водата да не ја користат за пиење. Доколку се употребува за исхрана треба да се преврие. Сè уште се чекаат резултатите за исправноста на водата од Центарот за јавно здравје.

„Во текот на ноќта околу 80 отсто од домаќинствата имаат непречено се снабдуваат со вода од водостабнителниот систем. Во текот на наредните неколку часови се очекува целосно стабилизирање во сите делови од градот“, изјави Оливер Стојмановски, директор ЈП „Водовод“ Куманово.

Проблемот со заматената вода, кој се јави по големото невреме коешто го погоди североистокот ги вознемири граѓаните.

Дел од кумановци поитаа кон маркетите да набават вода. Доволни количини има, но потрошувачката е значајно поголема.

Граѓаните велат сепак успеале навреме да набават доволни количини.

„Има но не пиеме, имаме дома купив“, вели еден кумановец.

„Рекоа да не пиеме вода, и не консумираме сега, купуваме“, дополни друг кумановец.

„Во моментов да техничка, за пиење купуваме“, дополни друг.

„Треба самата општина да направи некои промени луѓето не можат да купат сите.“

„Во маркетите е намалено дури-дополни друг“, велат граѓаните кои ги анкетиравме.

Поради актуелната состојба кумановската болница доби насоки од министерството, пациентите да ги упатува во Скопје. За пациентите коишто се хоспитализирани има обезбедени доволни количини вода. И домот за стари лица и осумте објекти на градинката Ангел Шајче немаат проблеми со набавки. Состаноци одржа и општинскиот кризен штаб.

Елена Георгиевска